Денеска, во Прага, во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и премиерот на Украина, Денис Шмихал, свечено беа потпишани одлуките со кои се дополнува и ревидира постојниот договорот за слободна трговија помеѓу Северна Македонија и Украина, а со цел да се олеснат слободната трговија и обезбедувањето храна меѓу двете земји.
Одлуките ги потпишуваат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и заменик-министерот за економски развој и трговија на Украина, Тарас Качка.
За време на средбата, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Ковачевски уште еднаш ги потврди позициите на Северна Македонија за силната и недвосмислена поддршка за украинската земја и народ, за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет.
Премиерот Денис Шмахил се заблагодари на нашата делегација предводена од премиерот Ковачевски за неизмерната поддршка што Република Северна Македонија ја дава за Украина.
Во разговорите премиерот Ковачевски посочи дека придржувањето кон активностите и политиките на ЕУ и на демократскиот свет за нас како земја значи застанување на вистинската страна во вистински момент.
Со денешното потпишување на договорите поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна дополнително се зацврстува соработката меѓу двете земји.
Потпишаните документи овозможуваат понатамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи и на двете страни. Воедно, се овозможува бесцарински извоз, особено на свежото овошје и зеленчук и намалена царина при извоз и увоз на голем број прехранбени производи.
Со овие дополнувања на договорот за слободна трговија се постигнува многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло, односно ако досега за извоз во Украина се користеа само суровини од Северна Македонија и Украина и обратно, а за извозот од нашата земја се користеа само суровини со потекло од Северна Македонија и Украина, со овие нови правила ќе биде возможно да се користат и ЕУ-суровини. Новиот договор ќе овозможи користење суровини од Украина при извоз во ЕУ и обратно.